УТРО.мк

Американски Конгрес подготвува закон за строги санкции кон Русија – Трамп најавува „важна изјава“

Американски Конгрес подготвува закон за строги санкции кон Русија – Трамп најавува „важна изјава“
Vero

Двостраначкиот предлог-закон за воведување нов бран санкции против Русија, со цел да се изврши притисок врз Москва да седне на мировна маса со Украина, доби замав оваа недела во Конгресот на САД. Сепак, текстот сè уште чека формална поддршка од претседателот Доналд Трамп, чија „важна изјава“ за Русија се очекува во понеделник.

Трамп, кој повеќе пати изјави дека ќе ја заврши војната во Украина доколку биде реизбран, во последно време сè почесто јавно изразува незадоволство од рускиот претседател Владимир Путин, обвинувајќи го за одбивање на примирје и зголемен број цивилни жртви.

Во вторникот, Трамп одобри нова испорака на американско одбранбено оружје за Украина, а според извори блиски до Белата куќа, тој е поблиску од кога било досега до поддршка на санкцискиот пакет, иако сè уште не го потпишал предлог-законот.

Законот, чиј иницијатори се сенаторите Линдзи Греам и Ричард Блументал, предвидува сериозни санкции против руски официјални лица, државни институции и банки, но и против држави како Кина и Индија кои продолжуваат да купуваат руски енергенси. Предлогот вклучува и царини до 500% за увозници на руска нафта, гас, ураниум и други стоки.

Републиканскиот лидер во Сенатот, Џон Тјун, изјави дека Сенатот би можел да гласа за законот уште овој месец, а сличен оптимизам изрази и лидерот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон. Според дипломатски извори, сенаторите Греам и Марко Рубио веќе разговарале со европски сојузници, најавувајќи дека санкцискиот пакет наскоро ќе биде предложен.

Сепак, одредени пречки остануваат. Извори блиски до Трамп тврдат дека тој бара поголема флексибилност за спроведување на надворешната политика без директно мешање на Конгресот, а некои поддржувачи признаваат дека законот би можел да има претежно симболичен ефект поради претседателското право на вето.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски повеќе пати побара од Западот да воведе построги санкции против Русија, со цел Кремљ да се натера на прекин на огнот и почеток на мировни преговори.

Американски официјални лица велат дека работата на законот се интензивирала последните денови, иако времето за негово усвојување е ограничено. Претставничкиот дом заминува на летна пауза во август, а паралелно се разгледува и друг предлог за кратење на странската помош за 9,4 милијарди долари, што дополнително го усложнува процесот.

Сепак, останува отворено прашањето дали претседателот Трамп ќе ја искористи најавената изјава за да застане целосно зад законот или ќе продолжи да бара дипломатско решение со Москва.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран