Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, ја посети галеријата „Откритие“ во Скопје, посветена на зачувување и промоција на македонското минерално наследство. Таа најави дека Министерството веќе работи на прогласување на македонскиот рубин за заштитено национално богатство.
Божиновска подвлече дека рубинот – геолошки единствен камен кој се наоѓа исклучиво во Македонија – заслужува институционално внимание, а не само ентузијастичка промоција од поединци и невладини организации. Во координација со Геолошкиот завод, ќе се преземат конкретни чекори за официјализација на неговиот статус.
Настанот беше збогатен со присуство на францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер и претставникот на Националниот музеј за природни науки во Париз, Грегоар Егороф, кој донесе редок примерок од камените со кои се изградени Нотр Дам и Елисејската палата. Тој најави дека размислува македонскиот рубин да го вклучи во следното издание на неговата книга за минералите на Европа.
Долгогодишниот промотор на македонскиот рубин, Деко, ја воодушеви публиката со приказни за секој примерок и со уметнички клуч во кој се вградени минерали од македонското тло. На прашањето што отвора тој клуч, симболично одговори: „Срцето на македонскиот народ.“
Министерката најави дека ова е само почеток на процесот за признавање на минералното богатство како дел од националниот идентитет и културното наследство на Македонија.