Францускиот претседател Емануел Макрон денеска најави дополнителна инвестиција од 4,2 милијарди евра до 2030 година за зајакнување на одбраната на земјата во вселената, предупредувајќи на растечката закана што доаѓа од Русија.
Претставувајќи ја новата француска вселенска стратегија до 2040 година, Макрон особено ја нагласи важноста од развој на ракети со погон за повеќекратна употреба, истакнувајќи ја амбицијата тие да бидат понапредни од леталата на американската компанија SpaceX, чиј основач е Илон Маск.
„Војната веќе денес се води во вселената, а утрешната ќе започне токму таму“, порача Макрон за време на своето обраќање во Тулуз, во седиштето на Вселенската команда што самиот ја отвори.
Тој предупреди дека Франција веќе се соочува со сериозни закани во вселената, вклучувајќи и активности на Русија.
„Сведоци сме дека, на пример, Русија ги шпионира нашите сателити, имаме масовно нарушување на GPS-сигналите, сајбер-напади врз нашата вселенска инфраструктура, тестирања на противсателитски ракети, развој на противсателитско оружје… па дури и шокантни руски закани со нуклеарно оружје во вселената“, изјави францускиот претседател.
Макрон прецизираше дека со дополнителните средства, вкупните вложувања во воената вселенска инфраструктура ќе надминат десет милијарди евра, како дел од дополнувањето на Законот за воено планирање.
„Дополнително, повеќе од 16 милијарди евра ќе бидат насочени кон француските цивилни активности во вселената, вклучувајќи и проекти со двојна – цивилна и воена – намена“, додаде Макрон.
Сепак, Франција би можела да изгледа послабо во споредба со Германија на претстојната министерска конференција на Европската вселенска агенција (ESA), која ќе се одржи на 26 и 27 ноември во Бремен.
Германскиот министер за одбрана, Борис Писториус, најави дека Германија до 2030 година ќе инвестира дури 35 милијарди евра во вселенската одбрана, со цел да одговори на растечките воени капацитети на Русија и Кина.























