Телата на 19 припадници на турската армија се пронајдени на местото на падот на воениот транспортен авион C-130 на границата меѓу Грузија и Азербејџан, соопшти турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, додавајќи дека потрагата по уште едно лице сè уште трае.
Ердоган потврди дека е пронајдена црната кутија и дека истрагата за причините на несреќата е започната. „Сите детали од овој трагичен настан ќе бидат целосно расветлени,“ изјави тој, нагласувајќи дека ресурсите на Турција, Грузија и Азербејџан се целосно мобилизирани.
На местото на несреќата биле распоредени дронови и тим за истрага со 46 членови, а областа е оградена од безбедносни причини.
Турскиот претседател им оддаде почит на загинатите војници и изрази сочувство до семејствата и нацијата, благодарејќи на Грузија и Азербејџан за брзата реакција и поддршка.
Посмртните останки на војниците ќе бидат вратени во Турција со воен авион А-400М, соопшти директорот за комуникации Бурханетин Дуран, додавајќи дека јавноста ќе биде редовно информирана за текот на истрагата.























