Цените на недвижностите во Германија продолжуваат да растат, особено во поголемите урбани центри, покажуваат најновите податоци. Во третиот квартал, просечната цена по квадратен метар се зголемила за 3,8 проценти во споредба со истиот период минатата година, јавуваат германските медиуми.
Најголемите зголемувања се забележани во Минхен, Келн, Дизелдорф, Берлин и Хамбург, каде цените се зголемиле за повеќе од пет проценти во рок од една година. Во Минхен, просечната цена по квадратен метар достигнува 9.700 евра, додека во Берлин изнесува 5.400 евра, а во поатрактивните населби како Мите, Пренцлауер Берг и Кројцберг достигнува околу 7.500 евра.
Причини за продолжувањето на растот на цените се зголемената побарувачка поради имиграција и раст на населението, особено во големите градови, како и стагнацијата во изградбата на нови станови. Според неодамнешна студија на Сенатот во Берлин, населението на германската метропола би можело да надмине четири милиони во следните години, што дополнително ќе го зголеми притисокот врз пазарот на недвижности.























