Венецуелската армија започна двудневна воена вежба со речиси 200.000 војници, како одговор на американското воено присуство на Карибите, соопшти министерот за одбрана Владимир Падрино, пренесе ДПА.
„Сите гранки на војската и паравоени милиции учествуваат во вежбата, која е насочена кон зајакнување на подготвеноста и одбраната против империјалистичките закани“, истакна Падрино, додавајќи дека американското присуство претставува „суров напад врз мирот и суверенитетот на регионот“.
Вежбата, дел од националната одбранбена иницијатива План „Независност 200“, ќе се фокусира и на борба против трговија со дрога и терористички групи. Планот го започна претседателот Николас Мадуро во септември, откако САД ја зголемија својата воена активност во водите покрај Јужна Америка.
Американскиот носач на авиони USS Gerald Ford пристигна во регионот, а Вашингтон наведува дека неговата мисија е борба против меѓународни криминални организации и заштита од трговија со дрога. Во последните месеци, САД извршија и воздушни напади врз моторни чамци во близина на Венецуела, официјално насочени кон операции против трговија со дрога.
Зголемените воени активности ја засилија напнатоста меѓу двете земји и поттикнаа шпекулации за пошироки мотиви на распоредувањето, вклучително и обиди за предизвикување политички промени во Венецуела.























