Поради се поголемите закани од Русија, германските демохристијански партии (ЦДУ/ЦСУ) засилено го притискаат својот коалиционен партнер, Социјалдемократската партија (СПД), да се врати задолжителната воена служба што е можно побрзо.
„Немаме време да чекаме бескрајно“, порача Торстен Фрај, шеф на кабинетот на канцеларот Фридрих Мерц, во интервју за агенцијата дпа, повикувајќи на итна промена на националната одбранбена стратегија.
Министерот за одбрана Борис Писториус изјави дека покрај сегашните 180.000 војници, војската има потреба од дополнителни 50.000 до 60.000 припадници, што би го зголемило вкупниот број на 230.000 до 240.000.
Иако заменик-канцеларот и лидер на СПД, Ларс Клигебил, потврди дека ќе се врати воениот рок, тој нагласи дека нема да се враќа стариот систем во кој сите млади мажи беа обврзани на служба. Тој модел, како што потсетува, веќе пред укинувањето во 2011 година не беше целосно функционален, бидејќи голем дел од регрутерите беа ослободени или не добиваа повик.
Фрај, од друга страна, предупредува дека бројките што ги наведе Писториус не можат да се постигнат само преку доброволна пријава, што го доведува во прашање концептот договорен меѓу двете партии – доброволна воена служба како прв чекор.
Според истражување на YouGov за дпа, мнозинството граѓани, 54 проценти, ја поддржуваат повторната воведба на задолжителната воена служба.
Иако црно-црвената коалиција може самостојно да го врати воениот рок за мажите, воведувањето задолжителна служба и за жените бара уставни измени, што подразбира двотретинско мнозинство во парламентот и поддршка од Левицата, која принципиелно се спротивставува на задолжителната воена служба.