Цихануски и уште 13 затвореници ослободени од Белорусија – пристигнаа во Литванија со американско посредништво
Белорускиот опозициски лидер Сјархеј Цихануски и уште 13 политички затвореници се ослободени од затвор и сега се на слобода во Литванија, соопшти литванската влада. Ослободувањето било овозможено со посредство на специјалниот пратеник на САД, Кит Келог, кој неодамна се сретнал со белорускиот претседател Александар Лукашенко, потврди и државната новинска агенција Белта.
Сопругата на Цихануски, Свјатлана Циханускаја, му се заблагодари на американскиот претседател Доналд Трамп, на Келог и на сите кои придонеле за ова ослободување. Во објава на социјалната мрежа Икс таа порача: „Не сме завршиле“, повикувајќи на ослободување на уште 1.150 политички затвореници.
Освен петмината Белоруси, Литванија потврди дека меѓу ослободените се и тројца Полјаци, двајца Летонци, двајца Јапонци и еден Швеѓанец.
Меѓу нив е и Ихар Карнеи, поранешен новинар на Радио Слободна Европа/Радио Либерти (РФЕ/РЛ). Претседателот на медиумот, Стивен Капус, им се заблагодари на Трамп, државниот секретар Марко Рубио и другите кои придонеле за неговото ослободување.
Цихануски беше осуден во 2021 година на долгорочна казна затвор поради, како што се тврдеше, организирање немири и поттикнување омраза. Неговите поддржувачи тврдеа дека обвиненијата се политички мотивирани. По неговото апсење, неговата сопруга Свјатлана се кандидираше на претседателските избори, кои предизвикаа масовни протести откако Лукашенко прогласи победа. Таа живее во егзил во Литванија.
Стејт департментот засега не даде официјален коментар за средбата меѓу Келог и Лукашенко.