Воениот судир меѓу Иран и Израел го зголеми ризикот за глобалниот нафтен пазар
Ескалацијата на конфликтот меѓу Иран и Израел предизвика нагло зголемување на цената на суровата нафта, при што „брент“ порасна за околу 8% во само седум дена по воздушните напади на Израел врз Иран. Според прогнозите на „Голдман Сакс“, порастот може да достигне и 10%.
Главна причина за вознемиреноста на пазарот е ризикот од прекин на Ормускиот Теснец – стратегиски теснец низ кој поминува околу 20% од дневната глобална трговија со нафта.
И покрај санкциите, Иран и понатаму извезува околу 1,5 милиони барели нафта дневно, главно кон Кина и други азиски пазари, често преку нерегистрирани канали. Како дел од ОПЕК+, Иран има и геополитичко влијание врз глобалните нафтени политики.
Покрај нафтата, забележан е и раст на цената на златото, додека берзанските индекси се во пад – реакција на зголемената неизвесност. Иако засега нема реален недостиг, пазарот реагира на стравот дека еден поширок конфликт би можел трајно да ги наруши енергетските текови.