Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, им оддаде признание на организаторите на првиот „Car Show – Битола 2025“, кој викендов го претвори срцето на градот во сцена на моторна страст, стил и автомобилска уметност.

На настанот учествуваа 160 возила од 29 градови и 5 држави, што го направи собирот меѓународен и уникатен за регионот. Битола беше домаќин на љубители на брзината, олдтајмери, тјунинг мајстори и автомобилски клубови, обединувајќи генерации и вкусови околу заедничката пасија – автомобилите.

„Битола уште еднаш покажа дека има капацитет, публика и љубов за вакви настани. Честитки до Car Club Bitola што ја поставија Битола на мапата на ваков вид авто-собири,“ изјави градоначалникот Коњановски.

Настанот се одржа под отворено небо, со богата програма и атракции што привлекоа илјадници посетители и туристи. Според организаторите, ова е само почеток на една нова традиција во Битола.
