Брисел, 30 јули 2025 – Вкупно 18 земји од Европската Унија поднеле барања за кредити во износ од 127 милијарди евра преку новиот финансиски инструмент SAFE, соопшти денеска Европската комисија.
Програмата SAFE (Support for Arms and Forces Enhancement) претставува клучна алатка во стратегијата на ЕУ за зајакнување на одбранбените капацитети на континентот, во услови на зголемена загриженост поради наводната руска закана и растечките геополитички тензии.
„Добивме апликации од 18 земји-членки за кредити во вредност над 127 милијарди евра“, изјави европскиот комесар за одбрана, Андријус Кубилиус. Тој додаде дека интересот е поголем од очекуваното и дека ЕУ е подготвена да го поддржи забрзаното вооружување преку поволни кредити.
Меѓу земјите кои побарале средства се Франција, Шпанија, Италија и Полска – некои од најголемите воени сили на континентот. Средствата се наменети за модернизација, набавка на нови системи и унапредување на заеднички одбранбени проекти.
SAFE е дел од поширока европска програма објавена во март годинава, со која се планира мобилизација на вкупно 800 милијарди евра за одбранбени цели во следните години. Целта е да се намали зависноста од САД и да се зајакне европската стратешка автономија во безбедносниот сектор.