Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави дека во Штип ќе се реализира најголемата здравствена инвестиција досега, вредна околу 150 милиони евра. Инвестицијата, финансирана со поддршка од Обединетото Кралство, ќе опфати изградба на нова клиничка болница, нов објект за Медицинскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ и нов студентски дом.
На трибина под наслов „Реформи во здравството – ги градиме темелите на промените“, одржана во Штип, Мицкоски истакна дека здравството е приоритетен сектор, каде што, како што рече, „не се игра политика, туку се спасуваат човечки животи“.
„Ги укинавме економските директори – затоа што здравството не е место за партиски послушници, туку за професионалци. Вработивме 600 приватни специјализанти, го зголемивме капитацискиот бод, ја зголемивме платата на здравствените работници“, рече премиерот, посочувајќи дека овие чекори се веќе видливи на терен.
Тој ја спомена и изградбата на нова поликлиника во Илинден, реконструкцијата на неколку болници, меѓу кои КАРИЛ, гинеколошко-акушерската клиника, болниците во Битола, Кочани и ГОБ „8 Септември“, како и проширувањето на позитивната листа на лекови.
Мицкоски потенцираше дека вложувањето во Штип има длабока стратешка цел, со фокус на интеграција на наставата и клиничката пракса: „Студентите по медицина ќе учат и ќе се обучуваат во современ медицински комплекс, без да се распрснуваат низ различни локации.“
Владата, според Мицкоски, ќе продолжи со инвестиции во здравството како еден од клучните столбови за развој и благосостојба на граѓаните.