Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, и директорот на ЈКП „Водовод“, Андреј Гинов, денес во Министерството за животна средина и просторно планирање потпишаа договор за техничка и финансиска поддршка на битолското комунално претпријатие, како дел од проектот „Отпорни и ефикасни комунални претпријатија“.

Проектот се реализира во соработка со Владата на Швајцарската Конфедерација преку Државниот секретаријат за економски прашања (SECO), и има за цел да ја зајакне отпорноста и енергетската ефикасност на јавните комунални претпријатија, особено во услови на климатски предизвици и енергетски кризи.

„Оваа поддршка претставува значаен чекор во подобрување на работните перформанси на ‘Водовод’, како и во модернизацијата на инфраструктурата која е клучна за квалитетно и стабилно водоснабдување во Битола“, изјави Коњановски.

Проектот предвидува и унапредување на регулаторната и институционалната рамка, како и воведување на обновливи извори на енергија во работењето на претпријатијата. Битола е една од седумте општини кои ќе ја користат оваа поддршка во насока на поефикасно, одржливо и отпорно локално управување.