УТРО.мк

Се рестартира процесот за укинување на сезонското поместување на часовникот во ЕУ

Се рестартира процесот за укинување на сезонското поместување на часовникот во ЕУ
Vero

Европската комисија ќе започне нова анализа за можноста за укинување на сезонското поместување на времето, што претставува прв институционален чекор по ова прашање од 2019 година. Процесот е рестартиран на иницијатива на Полска, актуелната претседавачка со Советот на ЕУ, како и на барање на повеќе земји-членки кои бараат дополнително разгледување на оваа пракса.

Европскиот комесар Апостолос Цицикостас, одговарајќи на пратеничко прашање, потврди дека Комисијата ќе спроведе нова студија за последиците од евентуалното укинување на летното и зимското сметање на времето. „Комисијата на ЕУ одлучи да одговори на поканата на една членка и да спроведе дополнителна анализа. Според тоа, се очекува студијата да започне во 2025 година“, стои во неговиот писмен одговор, што го пренесува N1.

Сезонското поместување на часовникот – еднаш во март и еднаш во октомври – беше подготвено за укинување во 2019 година, кога Европскиот парламент усвои предлог за трајно напуштање на оваа практика. Меѓутоа, поради недостаток на согласност меѓу земјите-членки, законодавниот процес беше замрзнат. Клучното прашање останува дали, доколку се укине промената на времето, ЕУ ќе се определи за постојано летно или постојано зимско време.

Новата студија треба да ги анализира сите последици и изводливоста од ваквата промена. Прелиминарните резултати се очекуваат најрано во 2026 година и би можеле да имаат влијание врз продолжување на законодавниот процес.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран