Две жени се повредени, од кои едната потешко, во сообраќајна несреќа што се случила вчера на регионалниот пат Тетово – Попова Шапка, во атарот на селото Лисец, соопшти СВР Тетово.
Несреќата се случила околу 12:45 часот, кога патничко возило од марката „мини морис“ со швајцарски регистарски таблички, управувано од 57-годишната З.И. од Тетово, излетало од коловозот. Во незгодата, возачката се здобила со тешки телесни повреди, додека нејзината сопатничка, 27-годишната Б.Р. од Тетово, поминала со полесни повреди. Двете биле пренесени и згрижени во Ургентниот центар при Клиничка болница Тетово.
Увид на местото на несреќата извршила екипа од СВР Тетово, а се утврдуваат причините поради кои дошло до излетувањето на возилото.