УТРО.мк

Коњановски: „Пелистер Волеј“ – гордост и иднина на битолскиот спорт

Коњановски: „Пелистер Волеј“ – гордост и иднина на битолскиот спорт
Vero

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, денес потпиша договор за финансиска поддршка со Одбојкарскиот клуб „Пелистер Волеј“, со што општината ќе издвои вкупно 4 милиони денари за поддршка на клубот во наредните две сезони.

Според договорот, финансиската помош ќе биде исплатена во две еднакви рати по 2 милиони денари – првата за сезоната 2025/2026, а втората за 2026/2027. Средствата се наменети за трошоци за натпревари, опрема, тренинзи, активности за млади, промоција на спортот и административни потреби на клубот.

„‘Пелистер Волеј’ не се само одбојкарки. Тие се храброст, страст, борба и гордост за нашиот град. Девојки кои со срце играат за Битола, кои секојдневно го рушат митот дека спортот е само машка арена. Кога поддржуваме девојки што сонуваат, ја градиме Битола што инспирира“, изјави Коњановски, потсетувајќи дека поддршката за клубот е исполнување на заложбата што ја најави уште минатиот месец.

Претседателот на клубот, Марјан Митковски, истакна дека оваа поддршка ќе помогне во зајакнување на капацитетите и создавање на конкурентна екипа за настап во Првата државна лига. Од клубот најавуваат амбициозна сезона и фокус на развој на младите одбојкарки.

Со овој чекор, Битола испраќа силна порака за поддршка на женскиот спорт и вложува во иднината на локалните спортски клубови.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран