Основното јавно обвинителство Битола поднесе обвинителен акт против инспекторот Кирил Мицевски, раководител во општинскиот инспекторат на Општина Битола, за бесправно градење објект во селото Дихово. Објектот, изграден на земјоделско земјиште надвор од градежна зона, бил со три ката и вкупна површина од 193 квадратни метри, без одобрение за градење и без согласност од Министерството за земјоделство, што е потврдено и со вештачење.
Случајот предизвика голем интерес на јавноста, откако во април годинава Општина Битола објави информација за утврдени дивоградби во Потпелистерието, меѓу кои и спорниот објект на инспекторот, во чии рамки бил изграден и базен. Тогаш градоначалникот Тони Коњановски најави суспензија на Мицевски, потенцирајќи дека законот мора да важи за сите подеднакво. Суспензијата подоцна беше потврдена и од Агенцијата за администрација, која го одби приговорот на Мицевски како неоснован.
Обвинетиот, пак, тврди дека се работи за легализиран помошен објект и дека не извршил никакви доградби или надградби, повикувајќи се и на претходна истрага од 2014 година за која, според него, немало основа за обвинение.
Случајот продолжува пред надлежен судски орган, а јавноста со интерес ќе го следи исходот, особено поради фактот што обвинетиот е вработен токму во институцијата која треба да спречува вакви појави.