Германија ќе ѝ испорача на Украина уште два ракетни системи за противвоздушна одбрана „Патриот“, објави денеска германското Министерство за одбрана. Испораката е резултат на договор со САД, според кој Берлин за возврат ќе ја добие најновата верзија на системот „Патриот“ преку забрзана постапка.
„Германија првично ќе ја поддржи Украина со лансери, а потоа и со дополнителни компоненти на системот ‘Патриот’“, изјави министерот за одбрана Борис Писториус. Според најавите, германската армија наскоро ќе испрати лансери, а остатокот од опремата ќе биде испорачан во наредните два до три месеци.
Испораката доаѓа во време кога Русија ги засили воздушните напади врз украинската инфраструктура и градови, поради што Украина итно бара засилување на својата противвоздушна одбрана. Системите „Патриот“ се покажаа како клучни во соборувањето на руските балистички ракети.
Германија досега веќе има испорачано три системи „Патриот“ на Украина. Берлин нагласува дека новата испорака нема да го ослабне нивниот капацитет во рамки на НАТО и останува посветен на безбедносните обврски кон западниот сојуз.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата недела изјави дека земјата работи на обезбедување најмалку десет системи „Патриот“ и нагласи дека е неопходно тие да пристигнат заедно со ракетите што се користат во системот.