Во рамки на 55. издание на фестивалот „Илинденски денови“, Општина Битола организираше свечен прием за интернационалните учесници кои годинава доаѓаат од Мексико, Грузија, Хрватска, Полска, Индонезија и Швајцарија. Заменик градоначалникот Бојан Бојкоски и секретарот Борче Димитровски ги поздравија гостите, изразувајќи благодарност за нивното учество и придонес во збогатувањето на битолската културна сцена.

„Овие денови Битола пулсираше со духот на различни култури, фолклорни традиции и уметнички изрази. Градот повторно докажа дека е вистински центар на културен дијалог и пријателство“, изјави Бојкоски.

Гостите го пренесоа своето задоволство од гостопримството и атмосферата на фестивалот, истакнувајќи ја уникатноста на Битола како домаќин на вакви значајни настани.

Директорот на Центарот за култура, Сашо Илковски, посочи дека „Илинденски денови“ прераснува во културен бренд со меѓународна видливост. Тој додаде дека заложбата останува насочена кон понатамошен раст на фестивалот и вмрежување со културни уметнички друштва од целиот свет, со цел да се негува и промовира македонската културна традиција.
Приемот во Општина Битола беше еден од клучните моменти во завршницата на фестивалот, кој е дел од програмата на „БИТ ФЕСТ“, најголемиот културен настан во градот, препознатлив по својата колоритност, уметничка вредност и отвореност кон светот.