Со вечера исполнета со интернационална музика, игра и традиционални изведби, синоќа на Платото пред Офицерскиот дом свечено заврши 55. издание на фестивалот „Илинденски денови“ – значајна културна манифестација во рамките на Битолското културно лето БИТ ФЕСТ.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, во своето обраќање им се заблагодари на организаторите, учесниците и публиката, истакнувајќи дека Битола две недели живеела во ритамот на фолклорот – не како прошка кон минатото, туку како вредност што го обликува идното.

„Покажавме дека во Битола фолклорот е жив, длабок, топол ритам што трае, но и вистински мост што ги поврзува генерациите и народите“, изјави Коњановски, додавајќи дека ова фестивалско издание било импресивен спој на македонската традиција со културите на Швајцарија, Индонезија, Мексико, Грузија, Полска и Хрватска.

Коњановски порача дека „Илинденски денови“ се повеќе од културен настан – тие се потсетник дека она што се создава денес, останува за иднината.

„Културата е светлина што не се гасне, а фолклорот не е само традиција, туку иднина што ги чува корените“, рече градоначалникот.
Од Центарот за култура, директорот Сашо Илковски најави дека веднаш почнуваат подготовките за следното издание, кое повторно ќе ги спои народите, културите и времињата.
Фестивалот, кој низ годините стана симбол на културна размена и зачувување на нематеријалното наследство, годинава уште еднаш потврди дека Битола останува центар на живата традиција.