Авторскиот тим зад претставата е главно македонски: Сашо Димовски (автор на текстот и драматург), Сашко Костов (музика), Сергеј Светозарев (сценографија и видеодизајн), Раде Василев (костимографија), но копродукцијата овозможи вклучување на целосна корејска актерска екипа, со признати имиња на локалната сцена: Ким Чоин, Ким Сеонг-ми, Чои Минхјок, Јанг Мин Ки и Ха Џин. Двете премиерни изведби на претставата „Приказната на Електра“, публиката во Инчеон, Јужна Кореја, ги испрати со стоечки овации… Македонската публика претставата ќе ја види на затворањето на „Охридско лето“ на 20 август
„Приказната на Електра“ од Сашо Димоски, во режија на Дејан Пројковски, е првата македонско-јужнокорејска театарска копродукција чија премиера се случи на 26 јули во Инчеон, Јужна Кореја, а која публиката во двете изведби ја испрати со стоечки овации. Претставата беше дел од програмата на Националниот театарски фестивал и привлече големо внимание на корејската културна јавност.

Станува збор за современа интерпретација на античкиот мит за Електра, во која јазикот на телото, минималните дијалози и прецизната визуелна естетика создаваат универзален сценски израз. Темите за семејството, насилството, меморијата и судбината се обработени низ емотивно концентрирана и визуелно изнијансирана форма, својствена за естетиката на Пројковски и Димоски, веќе докажана на неколку меѓународни театарски проекти.

Со ова, Дејан Пројковски стана првиот македонски режисер што поставил театарска претстава во соработка со национални институции во Јужна Кореја.
– Работата со корејски уметници беше вистински предизвик – не само поради јазикот, туку и поради нивниот прецизен и визуелно рафиниран пристап кон театарот. Но токму затоа, кога ќе успееш да се разбереш без зборови, сфаќаш дека темите што ги носи оваа претстава се навистина универзални. Тука престануваат да важат сите бариери и ограничувања што ни се наметнуваат во животот“, вели режисерот Пројковски.

Продукцијата е резултат на соработка помеѓу Театарската асоцијација на Јужна Кореја, Националниот театарски фестивал „Инчеон“ и Артема – театарска лабораторија. Овој формат на копродукција овозможи вклучување на целосна корејска актерска екипа, селектирана преку национален кастинг, во која настапуваат признати имиња на локалната сцена: Ким Чоин, Ким Сеонг-ми, Чои Минхјок, Јанг Мин Ки и Ха Џин.
Авторскиот тим зад претставата е главно македонски: автор на текстот и драматург е Сашо Димовски, Сашко Костов (музика), Сергеј Светозарев (сценографија и видеодизајн), Раде Василев (костимографија). Кореографијата е на Кјонг Џаеми Рјуи, дизајнот на светло на Џеонгсу Ли, а продукциското водство го потпишуваат Џинион Јун и Хје Јеонг Чунг. Асистент на режисерот е Мари Шин, а уметнички директор Џеонг Ву Сон.

– Ми значи што една ваква соработка и продукција покажува дека и во глобален контекст, македонските културни професионалци можат да бидат препознаени како партнери со висока естетика и став. Тоа не е чест случај, и токму затоа секоја ваква можност носи вредност и остава простор за идни соработки, додава Пројковски.