Ирачкиот премиер Мухамед Шиа ал-Судани изјави дека неговата влада успешно спречила 29 обиди за ракетни и дрон-напади од страна на вооружени групи наклонети на Иран за време на најинтензивниот период од конфликтот меѓу Израел и Иран. Во интервју за Associated Press, ал-Судани нагласи дека мета на нападите биле израелски и американски цели, вклучително и бази на американската војска во Ирак.
„Овие операции беа неутрализирани преку безбедносни мерки преземени од ирачката влада“, рече ал-Судани, додавајќи дека нема да дозволат ниту една страна да добие изговор за напад врз Ирак. Тој откри и дека за време на кризата имале директна комуникација со властите во Техеран со цел смирување на тензиите. „Ги повикавме иранските лидери на воздржаност и дијалог“, изјави ал-Судани.
Од американската инвазија во 2003 година, Ирак е дом на повеќе милиции, меѓу кои и оние што се дел од Народните мобилизациски сили (PMF), организации со силна шитска база и тесни врски со Иран. Овие групи, особено по избувнувањето на војната меѓу Израел и Хамас во октомври 2023, периодично напаѓаа американски бази, предизвикувајќи дополнителна нестабилност.
Премиерот изјави дека продолженото присуство на американската коалиција против ИСИС сè уште претставува изговор за постоење на овие вооружени групи, но додаде дека со целосното повлекување на коалицијата, „нема да постои потреба или оправдување за носење оружје надвор од државната рамка“.
Во однос на иднината на PMF, ал-Судани ја брани новата законска иницијатива за нивна формална интеграција во безбедносниот апарат на државата. Иако САД изразија загриженост дека тоа би го засилило иранското влијание во Ирак, ал-Судани уверува дека целта е токму спротивната – да се стави сета вооружена моќ под државна контрола.
„Безбедносните агенции мора да делуваат според законот, да бидат отчетни и одговорни за своите постапки“, рече ал-Судани.