
Силно невреме попладнево ги зафати регионите на Штип и Гевгелија, каде што се регистрирани интензивен пороен дожд, грмежи, засилен ветер и појава на град.
Според информациите од Управата за хидрометеоролошки работи, нестабилното време постепено се движи кон југоисточните делови на државата.
Во 18:25 часот е забележана изразена атмосферска нестабилност и на потегот меѓу Неготино и Демир Капија, проследена со силен дожд, електрични празнења и локална појава на град.
Нестабилното време и понатаму ги зафаќа централните и североисточните региони, а надлежните апелираат граѓаните да бидат внимателни и да ги следат временските предупредувања.
Метеоролозите најавуваат дека на одредени подрачја процесите може да се интензивираат, со можност за нови локални невремиња, засилен ветер и поголема количина врнежи во краток временски период.

















