Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека Русија синоќа извела масовни воздушни напади врз повеќе украински региони, вклучувајќи ги Харковската, Сумската, Лавовската област и Буковина.
Според Зеленски, биле лансирани 26 крстосувачки ракети и дури 597 јуришни дронови, од кои поголемиот дел биле ирански дронови од типот „Шахед“. Тој истакна дека украинската противвоздушна одбрана успеала да собори повеќе од 20 ракети и огромно мнозинство од дроновите, благодарение на што е избегната уште поголема трагедија.
„Им благодарам на нашите сили за противвоздушна одбрана за овој резултат“, порача Зеленски во објава на социјалната мрежа Икс.
Сепак, во нападите врз цивилна инфраструктура, меѓу кои и станбени згради, загинаа две лица во Чернивци, а околу дваесетина беа повредени, информираше украинскиот претседател. На сите повредени им се укажува неопходна медицинска помош.
Зеленски го искористи моментот да ја повика меѓународната заедница на итни и одлучни мерки, вклучувајќи:
построги санкции за сите кои ѝ помагаат на Русија во производството на дронови и профитираат од извозот на нафта,
испорака на повеќе системи за противвоздушна одбрана,
инвестиции во дронови-пресретнувачи, кои досега покажале висока ефикасност на фронтот.
„Оваа војна може да се запре само со сила. Очекуваме не само сигнали, туку конкретни дејствија од нашите партнери – дејствија кои спасуваат животи“, истакна Зеленски.
Како што претходно објави и шефот на Чернивциската регионална администрација, Руслан Запарањук, две лица загинале, а повеќе се повредени при нападот врз градот Чернивци и неговата околина.