Министерството за внатрешни работи ја соопшти причината за вчерашното убиство кај скопското село Батинци, во кое 50-годишниот А.М. беше смртно застрелан. Осомничен за убиството е Џ.М., кој, според првичните информации, го сторил делото од одмазда затоа што ќерката на жртвата ја одбила неговата понуда за брак.
Инцидентот бил пријавен во полиција во 10:15 часот, а А.М. бил веднаш пренесен во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“, каде што околу 11:00 часот им подлегнал на повредите.
Потресни детали открива 20-годишната ќерка на убиениот, Е.М., која заедно со нејзиниот татко била на Клиниката за неврологија кога Џ.М. се обидел да воспостави контакт со неа. Девојката изјавила дека во изминатиот период добивала закани поради одбивањето да се омажи за него. Откако повторно одбила комуникација, осомничениот подоцна ги пресретнал на патот кон нивниот дом во Батинци, излегол од возило и пукал во нејзиниот татко.
Од МВР велат дека случајот се води како убиство со можен елемент на семејно или родово мотивирана омраза. Се преземаат сите потребни истражни мерки за целосно расчистување на случајот.