Битолчани ноќеска беа разбудени од силна експлозија околу 2 часот по полноќ, откако на улицата Охридска беше фрлена експлозивна направа од засега непознат сторител. Од СВР Битола потврдуваат дека инцидентот се случил околу 2:05 часот и предизвикал значителна материјална штета.
Според првичните информации, оштетени се повеќе паркирани возила, меѓу кои „Фолксваген“, „БМВ“, „Тојота“, „Киа“, „Рено“, „Матиз“ и „Тико“, сите со битолски регистарски ознаки. Освен возилата, експлозијата оштетила и неколку прозорци и врати од околните куќи.
На местото на настанот беше извршен увид од страна на увидна екипа на СВР Битола во координација со јавен обвинител. За среќа, нема повредени или загинати лица, но жителите на улицата се во шок од силната детонација.
Надлежните институции најавија дека се преземаат интензивни мерки за расветлување на случајот и пронаоѓање на сторителот. Истрагата е во тек.