УТРО.мк

Трамп ја објави новата трговска војна: 30% царина за увоз од ЕУ и Мексико

Трамп ја објави новата трговска војна: 30% царина за увоз од ЕУ и Мексико
Vero

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, објави остри нови трговски мерки, најавувајќи дека од 1 август сите производи увезени од Европската Унија и Мексико ќе бидат предмет на царина од 30 проценти. Оваа одлука беше соопштена преку две писма кои Трамп лично ги објави на неговата платформа Truth Social, каде дополнително ја ескалираше глобалната трговска тензија.

„Соединетите Американски Држави се согласија да продолжат да соработуваат со Европската Унија, и покрај тоа што имаат еден од најголемите трговски дефицити со вас. Сепак, решивме да продолжиме напред, но само со поизбалансирана и пофер трговија“, напиша Трамп во писмото упатено до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

ЕУ и Мексико се последни во низата на трговски партнери на кои САД им воведуваат високи увозни давачки, откако Трамп неделава почна да испраќа „царински писма“ со стапки што достигнуваат и до 40 проценти. Покрај општата стапка од 30 проценти, се воведуваат и посебни секторски царини – вклучително и 25% за автомобилската индустрија.

Европската Унија реагираше итно, свикувајќи кризен состанок во Брисел. Според европски извори, службениците на Европската комисија добиле наредба да ги откажат сите викенд планови и веднаш да се вратат на работа, додека земјите-членки започнаа консултации за можна контрареакција.

Брисел инсистира на договор со САД кој би предвидел основна стапка од 10 проценти за европскиот извоз, како и ослободување од царини за специфични сектори – автомобили, авиони и алкохолни пијалоци.

Експертите предупредуваат дека овие чекори би можеле да предизвикаат сериозни нарушувања во глобалната трговија и да доведат до возвратни мерки, што ќе имаат последици и врз цените и економскиот раст во повеќе региони.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран