Македонија доби моќна алатка за предвидување и навремена реакција на шумски пожари – благодарение на нов нумерички модел кој го дизајнираше водечкиот метеоролог и професор на Природно-математичкиот факултет, Владо Спиридонов. Овој систем, кој веќе се покажа како исклучително точен, дава проценка на потенцијалот за појава на пожари врз основа на актуелните и прогнозирани временски услови.
Според најновата анализа за 11 јули 2025, висок ризик од шумски пожари е забележан во Вардарската Долина, како и во делови од Охридскиот регион, Пелагонија, Плачковица и Дојранско. Професорот Спиридонов истакна дека моделот е резултат на неколку месеци интензивна работа и тестирања, и веќе ги даде првите точни резултати – предвидувајќи екстремен индекс на опасност за 9 јули во подрачја кои потоа беа зафатени со пожари.
„Целта ни беше да креираме систем кој ќе им овозможи на институциите да реагираат проактивно, а не само кога веќе ќе избие пожар“, вели професорот Спиридонов, кој воедно е и член на Советот за безбедност на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Овој модел може да стане клучна компонента во националната стратегија за справување со климатските ризици, особено во услови на високи температури и продолжени сушни периоди кои го зголемуваат ризикот од пожари во целата земја.