
Дисциплинската комисија при Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) донесе серија строги санкции за клубовите Шкендија, Вардар и Силекс по настаните поврзани со финалето на Купот на Македонија и натпреварите од завршницата на сезоната.
Најтешко е казнета Шкендија, која покрај повеќе парични санкции, доби и исклучување од натпреварувањето во Купот на Македонија за сезоната 2026/27. Одлуката е донесена поради одбивањето на клубот да ги прими медалите на свечената церемонија, како и поради, како што наведува Комисијата, деградирачки и непочитувачки однос кон официјалните лица и противничката екипа.
Дополнително, тетовскиот клуб е казнет со 15.000 евра поради употреба на пиротехнички средства за време на финалниот натпревар против Силекс. Уште 10.000 евра ќе треба да плати поради националистички скандирања и навредлива содржина на национална основа, додека за истакнување транспарент со нацистичка содржина е изречена казна од 20.000 евра.
Шкендија доби и дополнителна санкција од 30.000 евра, како и забрана за присуство на публика на следните четири домашни натпревари поради непочитување на националната химна и дискриминаторско однесување за време на финалето од Купот.
Казна доби и Силекс, кој ќе плати 5.000 евра поради употреба на пиротехнички средства на финалниот натпревар.
Вардар е санкциониран со парична казна од 15.000 евра поради навредливо скандирање од страна на навивачите и несоодветна прослава на шампионската титула од страна на фудбалерите. Воедно, Дисциплинската комисија поведе и дополнителна постапка против скопскиот клуб поради користење пиротехнички средства на натпреварот од 33. коло против Шкендија.
Со овие одлуки, ФФМ испрати јасна порака дека нема да толерира недолично однесување, дискриминација и прекршувања на дисциплинските правила на фудбалските терени.















