УТРО.мк

До 10.000 евра неповратни средства за започнување сопствен бизнис

До 10.000 евра неповратни средства за започнување сопствен бизнис
Vero

Владата на Република Северна Македонија го усвои Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2026 година, со кој се обезбедуваат повеќе од 2,4 милијарди денари, односно над 40 милиони евра за поддршка на вработувањето, претприемништвото и развојот на човечкиот капитал.

На денешната прес-конференција, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши и директорот на Агенцијата за вработување, Аднан Ејуп, ги презентираа мерките и програмите предвидени со Планот, кој годинава ќе опфати повеќе од 10.000 граѓани.

Министерот Дурмиши нагласи дека станува збор за една од најзначајните економски и социјални политики на Владата, насочена кон отворање нови работни места, поддршка на младите, развој на претприемништвото и поголема вклученост на ранливите категории граѓани на пазарот на трудот.

„Со овој план инвестираме директно во луѓето. Обезбедуваме конкретна поддршка за младите кои сакаат да започнат сопствен бизнис, за компаниите кои отвораат нови работни места, за лицата кои имаат потреба од нови вештини и квалификации, како и за ранливите категории граѓани. Нашата цел е економскиот раст да се преточи во нови можности за работа и подобар животен стандард“, изјави Дурмиши.

Посебен акцент во Оперативниот план е ставен на развојот на претприемништвото и самовработувањето. Предвидена е поддршка за повеќе од 2.000 лица преку мерките за самовработување, меѓу кои млади до 29 години, лица над 29 години и здружувања на корисници во трговски друштва.

Преку овие мерки ќе се доделуваат грантови до 615.000 денари за основање сопствен бизнис, како и до 1.230.000 денари за заеднички бизниси формирани од повеќе корисници. Целта е да се поттикне претприемачкиот дух, да се создадат нови компании и дополнителни работни места, особено за младите.

Оперативниот план предвидува и средства за практикантство, обуки за дефицитарни занимања, јавни работи, економија на грижа и младински додаток.

Годинава се воведуваат и нови мерки, меѓу кои програма за обука и работно ангажирање на пожарникари, пилот-мерка за валидација на стручни квалификации на невработени лица, како и пилот-програма за стручни квалификации во областа на транспортот и тешките товарни возила, согласно потребите на пазарот на трудот.

Носител на Оперативниот план е Министерството за економија и труд, а неговата реализација ќе ја спроведува Агенцијата за вработување во соработка со надлежните институции и партнери.

Со Планот за 2026 година, Владата продолжува со активни политики за поттикнување на вработувањето, поддршка на домашната економија и создавање услови за одржлив економски развој и повисок животен стандард за граѓаните.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран