Големиот топлотен бран што деновиве го зафати Скопје предизвика значителен раст во потрошувачката на вода за пиење. Од Град Скопје и ЈП „Водовод и канализација“ веќе неколку пати упатија апели до граѓаните за рационално користење на водата, предупредувајќи на енормна и неконтролирана потрошувачка. Граѓаните се замолуваат водата да не ја користат за полевање зелени површини, бавчи и ниви, за миење возила и полнење базени.
Но, паралелно со зголемената побарувачка, официјалниот Годишен извештај на ЈП „Водовод и канализација“ за 2024 година открива сериозен системски проблем – од вкупно произведената вода, едвај 37% е фактурирана, додека речиси 40% се изгубени како физички или комерцијални загуби. Ова значи дека поголемиот дел од водата не стигнува до граѓаните, а според меѓународните стандарди, прифатливо ниво на водни загуби во системот е до 20%.
Во текот на 2024 година, претпријатието произведе вкупно 110 милиони кубни метри вода, главно од извориштата Рашче 1 и Рашче 2, како и од бунарите во Лепенец и Нерези. Од оваа количина, само 41,4 милиони кубни метри се фактурирани до корисниците, додека останатите 68,6 милиони кубни метри се нефактурирана потрошувачка.
Извештајот ги категоризира загубите на вода како:
Физички загуби: истекување од дистрибутивната мрежа, приклучоци и транспортни цевки.
Привидни загуби: нефактурирана или нелегална потрошувачка, грешки во мерење, технички неправилности кај водомерите.
Забележително е и тоа што 7 милиони кубни метри се загубени преку нелегална комерцијална потрошувачка и грешки во мерењето, додека речиси 25 милиони кубни метри вода се користат, но не се фактурираат – за испирање на мрежата, фонтани, јавни чешми, дефекти и одржување на зеленило.
Севкупно, водните загуби во 2024 година изнесуваат речиси 44 милиони кубни метри – што претставува алармантни 40% од вкупниот влезен волумен во системот.
Во услови на климатски екстреми и недостиг на вода, овие податоци откриваат потреба од итна модернизација и контрола на водоводната мрежа во главниот град. Губење на секоја втора капка вода е луксуз кој Скопје повеќе не може да си го дозволи.