Словачкиот премиер Роберт Фицо го повлече своето противење кон најновиот, 18-ти пакет санкции на Европската унија против Русија, овозможувајќи ЕУ да ги усвои едни од најстрогите мерки до сега. Оваа одлука следи откако Словачка доби гаранции за стабилноста на цените и снабдувањето со гас, но Фицо потенцира дека „е потребен натамошен дијалог“ за целосна енергетска безбедност на земјата.
Во петокот наутро, високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас, преку социјалните мрежи истакна дека ЕУ штотуку одобри еден од најсилните пакети санкции против Русија досега. Новите мерки вклучуваат ограничување на пристапот на руските банки до финансиски трансакции, санкции против 105 бродови што се користат за избегнување на санкциите, како и забрана за трансакции поврзани со гасоводите „Северен тек“.
Според извештаите, согласноста е постигната откако Словачка одлучи да не го блокира пакетот, со што се стави крај на продолженото вето кое се одржуваше поради загриженоста за енергетската безбедност на земјата, особено во контекст на планот на ЕУ за целосно запирање на увозот на руски гас од 2028 година.
Фицо изјави дека продолжувањето на блокадата би било „контрапродуктивно“ за интересите на Словачка како членка на Европската унија и го наложи на словачките претставници да ги одобрат санкциите.
Новите мерки се насочени особено кон енергетскиот и банкарскиот сектор на Русија, со цел да се зголеми притисокот врз Москва во контекст на тековниот конфликт.