Железничкиот систем на Германија се соочува со најголемата криза во последните три децении, а целосната обнова на мрежата е предвидено да трае до 2036 година. Според „Deutsche Welle“, проектот за „темелна обнова“ започна во 2024 година, но веќе сега трошоците се дупло повисоки од очекуваното, а критиките кон Deutsche Bahn и федералното Министерство за транспорт растат.
Поради честите доцнења, некои прекугранични железнички линии со Швајцарија се прекинати во пограничниот град Базел. Швајцарските железници (SBB) велат дека германските возови пристигнуваат со редовни доцнења од 2022 година, па промените биле нужни за да се заштити прецизната швајцарска мрежа, каде 98–99% од возовите пристигнуваат точно. Во Германија, тој процент изнесува само 62%, и тоа ако возот не доцни повеќе од шест минути.
Во 2024 година, Deutsche Bahn исплатил речиси 200 милиони евра оштета на патниците – 70 милиони повеќе отколку претходната година. Претседателот на управата Рихард Луц јавно призна дека состојбата е „далеку од она што клиентите го очекуваат“.
Мрежата опфаќа 33.500 километри пруги, од кои делови датираат од 19. век. Инфраструктурата е дотраена и неадекватна за дигитализираниот железнички систем што Германија сака да го воспостави. Првиот обемен проект – реновирање на 70 километри од рутата Франкфурт–Манхајм – веќе ги надмина трошоците од 1,5 милијарди евра. Следна е рутата Берлин–Хамбург, која од 1 август ќе биде целосно затворена девет месеци. Дневно, 170 автобуси ќе превезуваат патници помеѓу двата града.
Сметките постојано растат, а Европскиот систем за контрола на возови (ETCS) е одложен за наредните децении поради технички и финансиски пречки. Министерството за транспорт најави инвестиции од 107 милијарди евра до 2029 година, но Федералниот ревизорски суд предупредува дека само пари нема да ја решат кризата. Се бара системска реформа и повеќе конкуренција на шините.
Без јасна стратегија и структурни реформи, германските железници во догледно време веројатно нема да ги исполнат очекувањата на транспортната и климатската политика.