Европа се соочува со сериозна демографска криза – бројот на новородени драстично опаѓа, населението старее, а бројот на починати лица го надминува бројот на раѓања речиси во сите држави на континентот. Податоците за 2024 година ја потврдуваат загриженоста на експертите: наталитетот достигна историски најниски нивоа во повеќе земји.
За да се одржи стабилна популација, просечната стапка на плодност треба да изнесува 2,1 дете по жена. Но реалноста е многу поразлична. Во Германија таа бројка падна на 1,35 – најниска од 1994 година. Австрија се соочува со уште пониска стапка од 1,32, додека Италија бележи рекордно ниски 1,18 деца по жена. И покрај миграциските текови, бројот на жители во Италија падна под 60 милиони, со само шест новородени наспроти единаесет починати на секои илјада жители.
Франција, некогашен модел за демографска стабилност, доживува најголем пад од Првата светска војна. Стапката на плодност се спушти на 1,62, а природниот прираст изнесува едвај 17.000 – најнизок по Втората светска војна.
Скандинавските земји, иако традиционално стоеја подобро, исто така не се поштедени. Финска бележи најниска стапка на плодност во својата историја – само 1,25 деца по жена. Во Шведска таа изнесува 1,43, при што околу 60% од општините имаат намалување на бројот на жители.
Хрватска е со стапка од 1,46–1,47, што е далеку под потребното ниво за обновување на генерациите, а секоја година земјата бележи негативен природен прираст од 19.000 лица.
Дури ни државите кои инвестираа значајни средства во поттикнување на раѓања не гледаат резултати. Во Полска, и покрај стимулативните политики, стапката на плодност падна на 1,1 – речиси двојно пониска од 1990 година. Слично е и во Унгарија, каде што во 2024 година се родиле само 77.500 деца – најмалку досега.
Интересен пресврт доаѓа од Англија и Велс, каде првпат од 2021 е забележан раст од 0,6% во бројот на новородени. Дел од тоа се должи на зголемениот број на постари татковци – мажи над 60 години – и на децата родени од родители со странско потекло, кои сочинуваат дури 40% во Англија и 20% во Велс.
И покрај неколкуте исклучоци, трендот е јасен – Европа старее и се празни. Со намалување на работоспособното население и растечки трошоци за пензии и здравство, континентот влегува во ера на демографска неизвесност.