Во четвртата година од руската инвазија, Украина воведе радикално нов пристап во водењето војна: систем на е-бодови кој ги наградува војниците врз основа на уништени цели и постигнати резултати на бојното поле. Секоја снимена експлозија или погодок од дрон не е само запис, туку станува валута – потврден воен успех што може да се замени за опрема преку онлајн воена продавница.
Станува збор за владината иницијатива „Армија од дронови: Бонус“, во чии рамки војниците испраќаат снимки од уништени тенкови, ракетни системи или заробени непријатели. По прегледот од тимови аналитичари во Киев, се доделуваат бодови – 40 за уништен тенк, 50 за ракетен систем, 6 за убиен војник и дури 60 за заробен. Токму заробените имаат највисока вредност бидејќи може да се користат за размена на украински воени заробеници.
„Сè ни се троши – батерии, дронови, нерви. Овој систем ни дава некакво чувство дека трудот не е залуден“, вели војник од Харкивска област. Друг додава: „Мотивацијата е на минимум. Системот со поени понекогаш прави разлика дали ќе издржиш уште еден ден.“
Повеќе од 90% од активните единици учествуваат во системот. Најбарани артикли се компоненти за дронови, опрема за ноќно набљудување и средства за извлекување ранети од ровови – сè што инаку би доаѓало со денови преку класична логистика, сега се добива за неколку дена, но само ако единицата има доволно бодови.
Критичарите предупредуваат дека системот создава морални дилеми, бидејќи потсетува на видео-игри и создава конкуренција меѓу единиците. Се случува повеќе тимови да ја следат истата цел, па дури и да се натпреваруваат кој ќе ја сними прв. Но министерот за дигитална трансформација Михајло Федоров брани: „Ако нешто им дава на војниците сила да издржат уште недела, вреди да се проба.“
Додека некои го гледаат системот како дехуманизација на војната, за други тоа е сурова, но неопходна адаптација во модерното војување – каде преживувањето е дигитализирано, а секој бод може да значи спас.