Одделението за превенција при СВР Скопје во соработка со ЈП „Национални шуми“ и Шумската полиција вчера спроведе превентивна акција на подрачјето на Сарај, во рекреативниот центар Матка, со цел подигнување на свеста за опасноста од шумски пожари и бесправна сеча на дрва.
Во директни разговори со посетителите, претставниците на институциите укажаа на важноста од одговорно однесување во природа, посочувајќи дека несовесни постапки како фрлање отпушоци, палење оган и палење ѓубре во близина на шума можат да предизвикаат сериозни пожари. Граѓаните беа повикани на итно пријавување на вакви појави, со цел навремена реакција и спречување на поголеми штети.
Особено беше нагласена зголемената опасност во летниот период, кога високите температури дополнително го зголемуваат ризикот од пожари на отворен простор. Посетителите беа информирани и за законските последици, односно кривичната одговорност согласно член 288 од Кривичниот законик, каде што за предизвикување општа опасност е предвидена затворска казна од шест месеци до пет години.
Целта на оваа активност беше не само превенција, туку и градење на доверба и подобрување на соработката помеѓу полицијата, институциите и граѓаните. Во рамки на акцијата, беа дистрибуирани и едукативни летоци од ЈП „Национални шуми“.