Голем пожар избувна вечерва во скопската населба Злокуќани, каде, според првичните информации, се зафатени неколку куќи. Огнените јазици брзо се прошириле поради тешко пристапниот терен и тесните улици, што значително ја отежнува работата на противпожарните екипи.
Пожарот бил пријавен вечерва во 20:02 часот преку системот Е-112, а локацијата е на ул. Скупи во општина Карпош. Веднаш по дојавата, од МВР преку Дежурно-оперативниот центар на ЦУК било побарано исклучување на електричната енергија во нисконапонската мрежа, со цел да се овозможи безбедна интервенција на екипите на Противпожарната бригада на Град Скопје.
„Имаме неофицијални сознанија дека од пожарот се зафатени и дополнителни три куќи“, информираат од Центарот за управување со кризи.
На лице место се наоѓаат и екипи на Брза помош, но засега нема информации за повредени лица. Густ чад се шири низ населбата, а се гледа и од поширокиот дел на општина Карпош.
Противпожарните екипи и натаму се борат со огнената стихија. Очекувања се дека гаснењето ќе трае со часови, поради специфичноста на теренот и ширењето на пожарот.