УТРО.мк

Почина новинарот и уредник Трифун Талевски

Почина новинарот и уредник Трифун Талевски
Vero

Со голема жалост семејството и колегите ја споделија веста дека почина Трифун Талевски, долгогодишен уредник и новинар кој целиот свој професионален живот го помина во државната Македонска радио-телевизија (МРТВ), а претходно во Јутел и РТСкопје 1.

Талевски прво дипломирал на Воената воздухопловна академија – отсек пилоти во Загреб, а подоцна и на Факултетот за политички науки во Белград. Како најдобар студент во генерацијата, кариерата ја започнал во Јутел, за на почетокот од 70-тите да премине во РТСкопје 1, која по осамостојувањето прерасна во МРТВ.

Во 80-тите и 90-тите години веќе е препознаен како еден од најреномираните новинари и уредници во Внатрешно-политичката редакција. Беше уредник на централниот „Дневник“ и автор на емисијата „19.00“, која секој работен ден се емитуваше пред централното издание.

Подоцна беше дел од уредничкиот колегиум во создавањето на дописничката мрежа на МРТВ, а работеше и како уредник во Македонското радио. Со својата работа остави длабока трага во македонското новинарство преку илјадници текстови, прилози и емисии.

Трифун Талевски е роден на 19 октомври 1943 година во селото Габалавци, Битола. Зад себе ја остави сопругата Лимба, ќерката Ивона Талевска, која го наследи во новинарството, и синот Стефан Талевски, кој изгради успешна меѓународна кариера во Италија и САД.

Погребот ќе се одржи на 29 септември 2025 година (понеделник) во 12:00 часот на Градските гробишта Бутел во Скопје.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран