Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска утре ќе се обрати на Конференцијата „Јас сум жена“ што ќе се одржи во Македонската филхармонија, во организација на истоимената невладина организација.
Божиновска ќе биде дел од панелот „Македонки во енергетика“ заедно со Анастасија Илиеска од МЕПСО и универзитетската професорка Александра Крколева Матеска. Панел-дискусијата ќе се фокусира на придонесот и улогата на жените во енергетскиот сектор, како и на предизвиците со кои се соочуваат.
„Ќе разговараме за еднаквоста, лидерството, улогата и моќта на жените во општеството. Посебно ми е чест да зборувам за енергетиката, област во која жените сè повеќе покажуваат дека имаат клучна улога,“ изјави Божиновска.
Конференцијата „Јас сум жена“ има за цел да отвори дијалог за родовата еднаквост и да ја нагласи важноста на учеството на жените во сите општествени и професионални сфери.