Обединетата македонска организација „Илинден“ – Благоевград предложи Бугарија и Северна Македонија заеднички да го чествуваат прогласувањето на културната автономија на Пиринска Македонија, како важен историски настан од 9–10 август 1946 година.
„Овој настан претставува краткотраен, но значаен чекор кон признавање на идентитетот и културните права на македонското население во Пиринскиот крај. Неговото заедничко одбележување би било израз на добра волја, демократско разбирање на историјата и почит кон различноста на Балканот“, порачуваат од ОМО „Илинден“.
Организацијата ги повикува историските комисии на двете држави да пристапат со храброст, историска одговорност и човечко достоинство, и да го вклучат овој настан во заедничката историска меморија на двата народа.
„Историјата не треба да разделува – таа треба да обединува“, заклучуваат од ОМО „Илинден“.