Првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, воедно и кандидат за градоначалник на Општина Чаир, ја истакна стратешката важност на Бит Пазар за економскиот живот во општината.

„Бит Пазар е срцето на Чаир. Тука секојдневно работат стотици трговци, а од овој пазар живеат илјадници семејства. Тој останува централна точка на традиционалната трговија, каде што земјоделците и локалните производители директно се поврзуваат со граѓаните, создавајќи економска живост и зајакнувајќи го мал бизнисот,“ изјави Меџити.

Тој потенцираше дека пазарот е темелот врз кој се гради трговскиот живот во Чаршијата и дека секоја активност таму директно влијае врз развојот на пошироката околина.
„Нашиот план е да инвестираме во модернизација на Бит Пазар, подобрување на условите за трговците и создавање пофункционални простори за бизнисите. Секоја инвестиција овде е директен чекор кон економски раст на Чаршијата и кон подобра благосостојба на жителите на Чаир,“ додаде Меџити.

Тој најави дека на 19 октомври, со поддршката на граѓаните, ќе продолжи со овој правец, со цел Бит Пазар да прерасне во место на развој, силна трговија и поттик на локалната економија.