Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска соопшти дека по цели 30 години започнува целосната реконструкција на патот што води кон Пеленица, значајна делница за жителите на Кисела Вода, Драчево и околните населени места.
„Тридецениската голгота завршува тука. Патот кон Пеленица го добива својот нов лик, а мојот народ – безбеден сообраќај“, истакна Ѓорѓиевски.
Проектот, кој се реализира со поддршка од Владата на Република Македонија и премиерот Христијан Мицкоски, опфаќа реконструкција на патот на потегот од универзитетот „Јустинијан Први“ до границата со општина Студеничани. Делницата е долга 3.370 метри и широка околу 6 метри. За првпат се гради и тротоар од едната страна, што ќе ја подобри безбедноста на пешаците.
Дополнително, се работи и на целосно третирање на атмосферските води преку поставување на цевки со пречник од 1000 милиметри и вградување каналетки за одведување на водата.
„Ова е јасна демонстрација на заедничката посветеност на локалната и централната власт во решавањето на долгогодишни инфраструктурни проблеми. Продолжуваме силно и посветено, затоа што мојот народ заслужува. Најдоброто допрва доаѓа“, порача Ѓорѓиевски.