Патнички авион кој сообраќа на релација Базел – Скопје веќе подолго време кружи над македонскиот главен град поради нестабилни временски услови што го отежнуваат безбедното слетување на скопскиот аеродром.
Според последните информации од метеоролошката станица на „Меѓународен Аеродром Скопје“, во 15:20 часот е регистрирано нестабилно време со грмежи, засилен северен ветер и локални врнежи. Ветерот дува со брзина од 11 јазли од север (340°), а во налети достигнува и 15 јазли со променлив правец.
Иако видливоста е оценета како добра, на 3.000 стапки има грмежливи облаци, а на 6.500 стапки се забележани расеани облаци, што дополнително ја усложнува ситуацијата. Поради овие услови, авионот е ставен во кружен режим и чека зелено светло од контролата на летање за безбедно приземјување.
Надлежните служби внимателно ја следат состојбата, а патниците се замолуваат за трпение додека не се создадат услови за сигурно слетување.