Летото е идеално време за природно освежување на телото, вели д-р Петар Боровиќ, лекар и експерт за превентивна медицина, кој потенцира дека овошјето и водата се најмоќните сојузници во борбата против високите температури и летните здравствени ризици.
„Луѓето знаат што е здраво, но често го занемаруваат. Утрото мора да започне со вода, а не со кафе“, вели тој, предупредувајќи дека утринскиот кофеин ја згуснува крвта и го оптоварува срцето. Чаша вода на празен стомак, според него, го зајакнува имунитетот и го поттикнува метаболизмот.
На летната трпеза, д-р Боровиќ ги истакнува лубеницата, малините, кајсиите и дињата како највредни извори на хранливи материи што го штитат срцето, делуваат против воспаленија и го освежуваат организмот. „Јадете најмалку 400 до 500 грама овошје дневно, веднаш по вода. Не чекајте – водата се исфрла од желудникот за половина минута“, појаснува.
Освен за внатрешно здравје, овошјето помага и за убавина – комбинација од маслиново масло, лимон, морков и кајсија нанесена на кожата и косата, го продолжува летниот тен и природно негува.
Д-р Боровиќ посочува и на јагодите кои природно ги чистат забите, а лубеницата, покрај ликопенот што штити од некои видови рак, придонесува и за слабеење поради нискиот број калории и високиот процент на вода.
„Хидратацијата е клучна – до шест чаши вода дневно можат да согоруваат 300 до 350 калории. Тоа е поефикасно од многу диети“, вели тој и потсетува дека овошјето мора да се мие правилно – најдобро со потопување во топла вода со сол 7 до 10 минути, за да се отстранат пестициди и бактерии.
Здравјето, според д-р Боровиќ, не доаѓа од аптека, туку од секојдневните избори.