Во еден од најжестоките напади врз украинската престолнина од почетокот на руската инвазија, Киев утринава беше погоден од бранови дронови и балистички ракети. Според украинското Министерство за внатрешни работи, загинаа најмалку 14 лица, а 44 се повредени.
Метата на нападите беа 27 различни локации во градот, меѓу кои се стамбени објекти, училишта и клучна инфраструктура. Во делот Соломијански, балистичка ракета погодила деветкатница, при што се урнал дел од зградата. Спасувачките екипи и понатаму трагаат по преживеани под урнатините.
Министерот за внатрешни работи, Игор Клименко, изјави дека руските сили користеле дронови и проектили „без никакви ограничувања“. Сведоци опишуваат драматична ноќ со небо исполнето со дронови и експлозии што траеле со часови. Воздушната тревога во Киев била активна повеќе од седум часа, предизвикувајќи паника кај населението.
Меѓу загинатите е и 62-годишен американски државјанин, кој, според градоначалникот Виталиј Кличко, бил погоден од шрапнел во својот стан. Во регионот надвор од Киев има уште еден повреден, а во Одеска област се регистрирани 13 ранети лица.
Од Москва, пак, тврдат дека руската противвоздушна одбрана соборила 147 украински дронови, вклучително и над главниот град.
И покрај две рунди директни преговори меѓу Киев и Москва, нема значаен напредок во завршувањето на конфликтот. Постигнати се само ограничени договори за размена на затвореници и враќање на телата на загинатите војници.
„Русија продолжува со војна против цивилното население“, напиша на Телеграм шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак, додавајќи дека нападите врз стамбени објекти претставуваат уште едно варварско поглавје во агресијата врз Украина.