Во населбата Расадник започна изградбата на нова, современа детска градинка со капацитет за 120 деца, од кои две занимални ќе бидат наменети за јасли. Објектот ќе се простира на површина од 800 квадратни метри и претставува дел од поширокиот план за целосно затворање на листите на чекање за прием во градинки во општина Кисела Вода.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски изјави дека проектот се реализира со одлична динамика и е резултат на заложбата секое дете да добие сигурно и модерно место за згрижување. Тој потсети дека при преземањето на функцијата, повеќе од 400 деца биле на листите на чекање, но со изградбата на оваа, како и на градинките во 11 Октомври и Потстаница, ќе се овозможи прием за сите деца од општината, како и за деца од соседните општини.
„Ова не е само инвестиција во инфраструктура, туку инвестиција во иднината. Обезбедуваме топол, безбеден и модерен простор за секое дете, а истовремено го олеснуваме секојдневието на родителите“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој упати благодарност до Владата на Република Македонија, премиерот Христијан Мицкоски, Министерството за труд и социјална политика и сите институции и лица вклучени во реализацијата на проектот.