Апелацискиот суд во Нови Сад донесе одлука за укинување на притворот за уште петмина осомничени во трагичниот случај со падот на бетонската настрешница на железничката станица во градот, при што животот го загубија 16 лица. Наместо тоа, судот им изрече мерка домашен притвор во траење од три месеци.
Со оваа одлука, ниту еден од вкупно 13-те лица кои беа приведени по несреќата не се наоѓа повеќе во затворски притвор.
Обвинението кое беше поднесено од обвинителството на 30 декември, беше вратено од страна на Вишиот суд во Нови Сад средината на април, со образложение дека „е потребно подобро разјаснување на предметот за да се испита неговата суштина“. Постапката, со тоа, се врати во фаза на истрага.
Паралелно, постапката ја води и Вишото јавно обвинителство во Белград, кое на почетокот на март поднесе обвинение за пропусти кои довеле до уривање на конструкцијата.
Железничката станица во Нови Сад, која беше свечено отворена само четири месеци пред несреќата, беше претставена како објект кој ги надминува европските стандарди. Трагедијата што се случи под нејзината настрешница предизвика масовни протести ширум Србија, со кои граѓаните бараа одговорност од надлежните институции.