Битола се подготвува за грандиозно отворање на 17-то издание на Бит Фест 2025, културниот белег на градот кој секое лето привлекува илјадници посетители. Оваа година, свеченото отворање ќе биде одбележано со јубилејниот концерт на македонските музички легенди „Леб и сол“, кои прославуваат 50 години од своето постоење.
Секретарот на Општина Битола, Борче Димитровски, најави дека концертот ќе означи почеток на уште едно незаборавно културно лето во градот под Пелистер. „Со гордост можеме да кажеме дека Битола повторно ќе блесне на културната мапа. Почнуваме силно, со 50 години музичка историја на сцена, со „Леб и сол“, рече Димитровски.
Билетите за концертот се веќе пуштени во продажба по цена од 400 денари и можат да се набават на билетарите во Офицерски дом (од 10 до 17 часот) и Кино Браќа Манаки (од 17 до 21 часот).
Настанот е организиран од Општина Битола и ЈОУ КИЦ Битола, а концертот ќе биде само почеток на богатата програма која ја носи Бит Фест 2025.