Во центарот на Штип започна расчистување на теренот каде што ќе се гради новиот дом за семејството Зикови и нивните четири близначиња – Михаил, Теодор, Ведран и Леонтина. Плацот од 470 квадратни метри е донација од Општина Штип, која со одлука на Советот ги ослободи Зикови и од сите комунални давачки и данок на промет.
Иако теренот е тежок за работа, неколку компании доброволно се вклучија во расчистувањето. Целата организација ја води хуманитарната организација „Подај рака спаси живот“, предводена од Александар Георгиевски, кој упати повик до сите хумани граѓани да се вклучат во изградбата на новиот дом.
„Четирите близначиња и нивните родители заслужуваат достоинствен живот. Кампањата е започната, а од сите нас зависи дали ќе успееме да ја оствариме оваа хумана цел“, порача Георгиевски.
Преку платформата Икрауд е организирана донациска акција со цел да се соберат 2 милиони денари во рок од 65 дена. Досега се собрани 152.700 денари. Активен е и телефонски број за донации – 143 999 – достапен преку сите мобилни оператори, како и жиро-сметка за уплати.
Изградбата на куќата ја поддржуваат и бројни компании, а Општина Штип најави дополнителна логистичка помош. „Обезбедивме проект и издадовме дозвола за градба. Ќе помогнеме и во самата изградба“, изјави Вишна Шорова – Ангелова, секретар во Општина Штип.
Малите Михаил, Теодор, Ведран и Леонтина имаат само една година и девет месеци, а веќе одат во градинка, обезбедена од општината. Нивните родители Благица и Александар велат дека сегашниот дом, куќата на родителите на Александар, е веќе премал за шестчленото семејство.
„Предизвик е да се одгледуваат четири деца во исто време, особено кога само еден родител работи“, велат Зикови, надевајќи се дека со помош на граѓаните ќе го добијат домот што им е толку потребен.