Во светло на растечките тензии помеѓу Израел и Иран, Турција презема сериозни безбедносни мерки долж источната граница со Иран, откриваат извори од одбранбениот сектор во Анкара.
Иако досега не е забележано зголемено движење на мигранти или нелегални преминувања, турските власти не ја исклучуваат можноста за ескалација на ситуацијата и остануваат во состојба на висока приправност.
Воени патролни авиони веќе патролираат над граничниот појас веднаш по почетокот на израелските напади врз ирански цели, со задача да спречат евентуални нарушувања на воздушниот простор и да гарантираат брза реакција при потенцијални инциденти.
Истовремено, Турција го забрзува развојот на напреден систем за противвоздушна и ракетна одбрана, заснован на домашни технологии и радари. Целта е јасна – целосна оперативна подготвеност и заштита на националната безбедност во случај на прелевање на конфликтот преку границите.
Официјална Анкара внимателно ја следи ситуацијата на Блискиот Исток, а безбедносните служби се подготвени за сите можни сценарија.